„МИ ОСТАНА САМО ЕДЕН ИСПИТ ДО КРАЈОТ НА ФАКУЛТЕТОТ – ДЕНЕС ОДЛУЧИВ ДА ГО НАПУШТАМ“

од Биљана Јовановска 0

20170907-mi-ostana-samo-eden-ispit-do-krajot-na-fakultetot-denes-odluchiv-da-go-napushtam-m

Искуството на еден српски студент ви го пренесуваме во целост:

фото извор: noizz.rs

„Мојот драг Филозофски факултет и јас после 10 години емотивна врска, полна со љубов и вистинска омраза, одлучивме да раскинеме. Поточно, јас го напуштив. Е, еднаш и јас некого да напуштам. Мислев дека ќе успееме заедно да го истераме последниот испит, но луѓето велат дека врската често знае да ја расипе и некој трет. Во овој случај баналноста е вистинита.

За овие 10 години можев да се оженам, разведам, да добијам деца, да одам до Нов Зеланд, да посвојам уште едно дете и да направам викендица. Ништо од тоа не направив, бев само упорен и сакав да ја добијам таа проклета диплома. Дури и одбив работа пред 6 години заради факултетот, но сега не треба да се плаче за пролеаното млеко.

Се запишав на социологија од љубов и знаев дека од неа нема да се најадам леб. Положив 44 испити, завршив задолжителна пракса во статистика, пред пет години напишав дипломски труд на тема: „Од неофолк до модерен поп-звук: Животот на Србите во ритамот на трубофолкот“. Потоа остана само еден испит. Полагањето на тој еден испит траеше четири и пол години.

Дами и господа, основи на економијата, каменот на сопнување на секој студент по социологија. Навидум неважен испит, а го содржи целокупниот материјал од Економскиот факултет спакуван во предмет кој трае еден семестар. Како иден социолог морав да научам да ги цртам сите графикони – рамнотежна цена, просечни вкупни трошоци, маргинални трошоци, табели на билансни состојби и успех, кога и зошто компанијата влегува и излегува од пазарот, монополи, олигополи, генеза на економската мисла, монетарна политика, банкарски систем и уште многу од тоа. Испитот има 1.100 страници.

Бидејќи економијата како гимназијалец ми беше непозната, после неколку неуспешни обиди да положам, се подготвував приватно кај жена која пишувала учебници за економија. Откако го пројде целиот материјал со мене, таа ми рече дека ако не положам, ќе се убие. Не положив и за среќа не се уби. Паѓањето на испитот не беше последица на моето незнаење, туку на човекот кој повеќе сака да те падне отколку да јаде леб.

Се сеќавам на коментарот на професорот Огнен Радоњиќ, кој низ цинична насмевка рече дека ова е испит кој не може да се положи така лесно. Во текот на студирањето ниеднаш не се сретнав со професор кој имаше помалку педагошки вештини од именуваниот. Имаше многу професори што беа строги и со нив мораше да се знае и да се разбере тоа што се зборува. Имаше и такви што беа подготвени да ти помогнат кога повеќе пати паѓаш, но тука тоа не беше случај.

Во текот на четиригодишната агонија одењето на испит беше како одење на гилотина. Бев сведок кога студенти му плачеа, а тој им коментираше дека сега имаат спомен од тоа што му плачеле на испит. Еднаш ми се развика за време на испитот, другпат превртуваше очи за време на одговарањето и секојпат имаше нереално објаснување зошто ме паѓа. Најомилено ми беше кога велеше дека сè сум научил напамет. А го знаете моментот кога после три години веќе знаете точно што пишува во книгата.

Секоја година во јануари, февруари, април, јуни и септември сум во грч, имам главоболки, барам слободни денови за да одам на испит, за некој од свое лично незадоволство да се изживува на мене. Уште еднаш да повторам – имам 44 положени испити.

Факултетот добро знае дека студентите имаат проблем со него, а ги игнорира молбите на студентите во испитниот рок да се појави друг професор. Нивното објаснување е дека не е практика да се носи професор од друг факултет. Кога сте немоќни и кога е нешто надвор од ваша контрола, постои само една опција – да пуштите да пројде.

Пред 3 дена седев сам со себе и си зборував сам со себе – одлучив мојот живот да оди во друг правец. На тој пат нема да биде Платон, ниту Филозофскиот факултет во Белград, бидејќи доста е.

Можам да се заблагодарам на неверојатната ширина и академското знаење што го добив, иако никогаш нема да го видам тој лист хартија.

Борете се за себе, за знаење, за образование и никогаш не дозволувајте да се чувствувате мали, глупави или безвредни бидејќи некој со долгогодишна тортура се обидел да ве убеди во тоа“.

Автор: Милорад Миловановиќ

Close
Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)
error: Content is protected !!