ЗАМИР МЕХМЕТИ, КОМАНДОСОТ НА ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА СТАНА ЕДЕН ОД ДИРЕКТОРИТЕ ВО ТЕЛЕКОМ

од Биљана Јовановска 0

zamir-mehmeti (1)

Замир Мехмети доаѓа на место на директори, меѓу кои има осомничен во случај на СЈО поврзан со набавка на опрема за прислушување за потребите на МВР (Фото: од фејсбук архивата на Мехмети)

Замир Мехмети,  истакнат борец против режимот на Никола Груевски и активист на Шарената револуција стана неизвршен директор во одборот на директори на „Македонски телеком“.

Мехмети е поранешен член на Советот за радиодифузија. Тој за време на минатогодишните протести поттикнати од аболицијата на претседателот Иванов беше член на групата „Шарени командоси“ кои со пластични пушки наполнети со боја, ги боеја барокните фасади  на државните институции од проектот Скопје 2014. Во една прилика беше задржан во полициска станица.

Замир Мехмети, како новинар на Макфакс го бркаше поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски за изјава зошто не си дава оставка, а овој му бегаше низ гаража, прескокнувајќи огради.

Владата која во сопственичката структура на „Македонски телеком“ учествува со 38,68 проценти, на компанијата и предложила Горан Трајановски да биде избран за главен и оперативен директор , а за неизвршни директори покрај Мехмети, предложени се  Сашо Велевски, Дивна Ефтимовска и Анета Симеска. Досегашниот член Назим Буши треба да биде реизбран.

Новите членови на одборот доаѓаат на местата на Жарко Луковски, Панче Кралев, Небојша Стајковиќ, Александар Стојков и Владимир Здравев кои беа поставени на предлог на Владата на  Никола Груевски.

„Македонски телеком“ е компанијата која одбиваше да соработува со Специјалното јавно обвинителство во истрагите за предметите поврзани со нелегалното прислушување на илјадници граѓани и уништувањето на опремата за прислушување.

Еден од сменетите директори, Небојша Стајковиќ е осомничен во случајот „Трезор“ на СЈО за проневера на 862.000 евра за набавка на опрема за прислушување за потребите на МВР. Тој е суспендиран од МВР за настаните од 27 април бидејќи не работел системот за команди, за кој тој бил одговорен.

Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)
error: Content is protected !!