ДА СЕ ПОМИРИМЕ СО ВРЕМЕ: НАШИТЕ ДЕЦА (ЌЕ) ГЛЕДААТ ИНТЕРНЕТ ПОРНО – ЕВЕ КАКО

од Биљана Јовановска 0

204983-da-se-pomirime-so-vreme-nashite-deca-kje-gledaat-internet-porno

Минатата година посетителите на Порнхаб, најголемиот порно сајт на интернет, изгледале околу 92 милијарди секси видеа. Не дека во тоа има нешто лошо. Ама со такви бројки и со генералната достапност на ваквите содржини човек со мало дете се прашува – што кога тоа ќе ги открие ваквите сајтови? Ако тоа веќе не се случило…

Пеги Оренштајн е авторка на бестселерите „Пепелашка ја изеде ќерка ми“ и „Девојчиња и секс“. За втората имаше направено интервју со повеќе од 70 млади девојки на возраст помеѓу 15 и 20 години, во врска со нивните ставови и рани искуства со физичката интимност. Во моментов работи на книга за момчињата, машкоста, сексот, љубовта и порното, а за неа се држи до истата методологија, – зборува овој пат со машки на спомнатата возраст, за нивната страна на приказната. Wired по тој повод направи интервју со неа, од кое пренесуваме делови.

Дали децата гледаат порно?

Првото нешто кое го сфатив кога почнав да работам на новата книга беше дека не треба момчињата да ги прашувам дали, туку кога почнале да гледаат порно. Типичниот одговор кој го добивам е 11 години, понекогаш 13.

Како доаѓаат до вакви содржини?

Понекогаш поради љубопитност, сакаат да знаат за што зборуваат постарите, или некое повозрасно момче ќе им рече „Еј, погледни го ова!“. Дечките ми кажуваат дека кога имале на пример 11 години пребарувале „големи цицки“, па со само неколку кликови ваквото пребарување ги довело до слики или видеа кои тие не биле подготвени да ги разберат или процесираат. Секогаш им велам на родителите, ако никогаш самите не сте биле на Порнхаб за да видите што има таму бесплатно, уште на насловната страница, тогаш немате поим за што зборуваме.

Дали ова значи дека треба да не им дозволуваме интернет или да ги подесуваме нивните компјутери на максимум безбедност?

Само што добив порака од пријателка која вели дека нејзините деца успеале да хакираат апликација, наречена Момент, која следи колку го употребувате телефонот и колку време минувате на одредени апликации. Ова е бескрајна игра на мачка и глушец: сајтовите и социјалните мрежи се обидуваат да ви ги задржат децата онлајн, а вие се обидувате да ги тргнете.

Тогаш, треба ли да им зборуваме за порнографија?

Да. За мене е бизарно тоа што заради нашата преосетливост во однос на ваквите теми не можеме да дискутираме со нив. Резултатот е тоа што овозможуваме тие да бидат образувани од култура која, во најдобар случај, не го има предвид она што е најдобро за нив.

Некои луѓе се кул во врска со тоа идеите за женственост на нивните деца да бидат моделирани од Дизни. Некои други не се. Некои луѓе може се ок со тоа сексуалноста на нивните деца да биде повлијаена од порно, и тоа да им ги колонизира фантазиите. Други луѓе не се ок со тоа – не затоа што се анти-секс, туку затоа што се про-секс.

Но дискусиите во врска со сексот ги водиме како тие да немаат врска со ништо друго. Вие веќе би требало да имате зборувано со вашите деца за врските и човечкото однесување и сексуалноста, за кога ќе почнете муабет за порно веќе да имате некаква основа. Порното не треба да биде почеток на разговорот.

Во свет во кој порното е достапно исто колку и видеа со мачки, што да им кажеме на нашите деца?

Најголемото изненадување за мене како родител беше колку напорно треба да работиме за да ги заштитиме фантазиите на нашите деца од предаторски интернет страници кои создаваат зависност и кои сакаат да им продадат работи. Затоа важно е да се почне со муабет за тоа што е реално а што не. Зборувајте за тоа како, кога гледате филм, таму има насилство, но тоа насилство е тотално нереално. Порното е само екстремен пример на истиот проблем. Знаеме дека работите се лажни, дека тоа не е начин на кој двајца навистина функционираат. Децата само треба да го контекстуализираат тоа, да го деконструираат. Исто како што тоа треба да го направат со други медиуми. Затоа што да, сите сме загрижени за порното, но пораките кои тие ги добиваат од разноразни медиуми се исто толку влијателни, ако не и повеќе.

Извор: Wired

Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)
error: Content is protected !!