Браќа мои, бидете луѓе, иако сте вмровци!

од Биљана Јовановска 0

AND_0044

 

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Александар се извиши на плоштадот Македонија. Споменикот е висок 23 метри. Пред камерите шета задоволниот Грујо, сосе братучед му Мијалковем веселата им владина фамилија. Во кадар влегува и среќниот народ. Среќен, та пресреќен речиси до инфантилност. На острото око бабино и се причини дури и ненадејна насмевка на лицата што ја опкружуваат.

Текстот е објавен на 24-ти јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 834

Замислете, сите биле некако натажени, се додека Великиот не се вратил дома. Потоа, нормално, наместо тажни, лицата автоматски станале насмеани. Да, потврдата стигнува и од средовечниот човек, кој едвај вторпат се израдувал во животот. За првпат бил среќен при раѓањето на неговите деца, а еве, дури сега, со доаѓањето на Александар, се сторил среќен по втор пат. Зар е можно, толку несреќни луѓе да имало на ова мало парче македонска земја?

Во сенка паѓаат сите меѓународни предупредувања. Безмалку никој не обрнува внимание на Кантримен, на Филе, на Кацин….кои се потешко бираат зборови, за да ни кажат дека скапо ќе ја платиме денешната радост. Ништо поарно не поминуваат ниту коментарите на Би-Би-Си, Вашингтон пост, Гардијан….За грчкиот грев, пак, ич муабет да не правиме.

Што си умислуваат тие? Малку ли им е тоа што за кумови ни се токмат, па сега сакаат дозвола од нив да бараме и за распоредот на филадендроните во стаклените ни градини?!Е, тоа веќе не минува. И младата мајка не го дава Александар, оти, дури сега ќе сме знаеле сите, сосе нејзините деца, од каде доаѓаме, па ќе можеме истото и на нашите внуци да им го кажеме. Море, и на безбројните туристи ќе имаме што да покажеме!

Горе-долу, тоа е посакуваната слика, која власта би сакала да ја креира за денешната состојба на Македонецот. Демек, Аце е конечно тука, сите ние сме задоволни, затоа што најпосле имаме власт, која првенствено мисли на македонските интереси. Но, не ќе е баш така. Доколку власта е навистина таква, каква што сака да се престави, зошто споменикот не  го носи името на Александар Македонски, туку и нему му е смислена „референца“?

Зарем нашиот корен досега до „Воинот на коњ“?!Или, тоа е само привремено, за два месеци, кога на воинот ќе му го вратиме матичното име, ама власта не сака да каже, за ептен да не заличи на Киро Глигоров од 1993-та година, кому никако да му минат двата месеци, после кои никогаш порано немаше да бидеме БЈРМ?

Се разбира, на Груевски воопшто не му се важни македонските корени. Во спротивно, тој ќе ја образложеше и неопходноста од Александар на скопскиот плоштад. Немаше пред новинарката на Б92 да глуми инаетливо дете, кое поставувањето на споменикот го брани со несоборливиот аргумент: А, зошто да не го ставиме Александар? Демек, не му правиме чест, затоа што се чувствуваме како негови потомци, туку го дигаме до небеса само поради неговиот придонес во светската цивилизација!? Чиниш, Александар е плод на случаен избор, па, само благодарејќи на лошата среќа од игра во последен момент испаднал Наполеон Бонапарта!

Незаборавно, е секако, и резимето на Пастирот, после кое исчезнаа сите наши делби на антички и словенски Македонци. Човекот просто не можеше да се начуди, оти, ете, мора и со такви работи да си го губи времето. Па да, како не ни текна порано?! Точно, нема антички или словенски Македонци, има само Македонци. Леле, колку бил мудар нашиот Водач. Не знам само, зошто не обезбеди услови и за меѓународна афирмација на велелепната му теза?!

На толку дадени пари за разноразни реклами по белосветските медиуми, можеше некое евро и за макар една респектабилна конференција на светски признати историчари да се обезбеди. Да не живеат луѓето во заблуда, кога мислат дека нашето потекло е словенско. Или, античката приказна беше потребна само за по дома? Колку да се декласираат сите оние што тешко ја варат, па, поради тоа, автоматски да се дисквалификуваат како изроди, душмани, предавници.,..?

За жал, Груевски е човек со мошне скудни познавања на нештата. Неговите пет години власт ќе останат запомнети по длабоката интервенција во нашето далечно минато, за која самиот нема срочено елаборација од три простопроширени реченици. Уште полошо, не дозволи ниту елементарна дебата за било кое прашање. Го подели народот по сите можни линии, за, на крајот, во манир на врвен лицемер да соопшти дека народот никогаш не греши!?

Притоа, очигледно, мислеше само својот народ, т.е. на делот од народот што гласаше за ВМРО-ДПМНЕ. Да, лигавото додворништво кон безгрешниот народ, на кое можат Хитлер и Милошевиќ да аплаудираат, кај нас стана државна политика, со која се решава се, и детектирањето на проблемите, и осмислувањето на мерките за нивно надминување. Демек, власта го прави само она што народот го сака. Како да не. Кој тоа го праша народот, на плоштадот да дојава Воин на коњ, наместо Александар?!

Останува да нагаѓаме, зошто Груевци оценија дека баш сега е моментот, покрај Александар, во Битола и скопска Автокоманда, да пристигне и Филип, т.е., Таткото на Воинот на коњ. Според мене, можни се три расплети на актуелнава драмолетка. Како прво, можно е Груевски на овој начин да означува дефинитивно откажување од аспирациите за НАТО и ЕУ.

Како второ, можеби најавува заминување во опозиција со реализирана античка мисија зад себе, која би требала да преставува тежок проблем за било која идна власт во преговорите со Грција. И, трето, трите споменици можат да бидат утешна награда за „разумниот компромис“ за името, кој според унгарскиот министер за надворешни работи е на чекор од нас. Демек, името малку ќе го подизмениме, ама затоа спомениците ќе ги задржиме.

Во секој случај, следува разочарување за сите оние што денес леат солзи радосници за Александар на плоштадот. Тие допрва ќе се соочат со вистината, дека зад скапата античка приказна стои голема измама, спакувана токму од оние што најгласно се колнат во безгрешниот народ!

Сврти – заврти, работата нема да излезе на арно. Груевски несомнено ќе ја плати цената за бескрајното мајтапење со чувствата на нацијата. Тој незапирливо оди кон својот политички крај, но, постои опасност со себе да ги повлече и четирите свети букви од партиското име. Токму тој е најголемната закана за иднината на ВМРО, пред која демне опасноста да стане синоним за најтешка манипулација со народот.

Затоа, пред да ја доживеат мачната судбина на мачните комуњари некој мора да им каже дека вмровецот е пред се човек. Со големо Ч. На нив, пак, не им прилега да го лажат сопствениот народ!

Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)