Бараџиева-Трајковска: Музејот на ВМРО може да остане без статусот културно наследство

од Биљана Јовановска 0

donka6

Нема ништо спорно да се избрише статусот на културно наследство на Музејот на ВМРО и Порта Македонија, затоа што во моментот кога тој бил отворен сè уште го немал карактерот на музеј, вели Донка Барџиева – Трајковска, претседателка на Центарот за заштита на културно наследство, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

-Во постојниот закон за заштита на културното наследство постои одредба за прогласување на културно наследство од ваков тип, дури за нив не би требало ниту посебна одлука да се носи, затоа што станува збор за музејски комплекси, во којшто како објекти, како згради вредноста не ја добиваат сами по себе како градби, туку затоа што во нив се наоѓаат значајни збирки. Ние имаме такви значајни збирки коишто се чуваат и во постарите музеи, и тука нема ништо спорно. Многу е спорно во случајот со таканаречениот Музеј на ВМРО, затоа што во моментот кога тој бил отворен како музеј, сè уште го немал карактерот на музеј, затоа што требало да има оформена музејска збирка. Процесот на инвентаризација и на вреднување на предметите коишто се таму сè уште трае, што значи дека за овој објект, вклучително и за Порта Македонија, којашто е прогласена за некаков депанданс на самиот музеј, нема ништо спорно нивниот статус да се брише. Меѓутоа тоа повторно треба да се направи со една комисија која ќе треба да изврши ревизија на одлуките, на карактерот на збирките, дали е задоволена процедурата или не, затоа што тоа подлежи на законот на музејска дејност, така што лесно може да се утврди статусот.

На прашањето пак што треба да се направи со проектот на „Скопје 2014“, по промената на власта, Барџиева-Трајковска вели дека за тоа треба да се решава во Собранието.

-Јас во неколку наврати уште на почетокот, кога открив одредени небулози, во правна смисла на зборот, во самиот проект Скопје 2014, констатирав и сметам дека е така, според законските одредби, затоа што најголемиот дел од изградените објекти ѝ припаѓаат на категоријата споменици и спомен обележја, би требало да бидат регулирани според законот, којшто е токму за таа намена – закон за меморијални споменици и спомен обележја. Значи процедурата за справување со овој проблем, со овој таканаречен проект е тој да се врати во Собрание. Дали ќе се формира собраниска комисија од експерти, дали тоа ќе бидат мешани комисии, меѓутоа различни ефекти од овој проект мора да ја поминат собраниската процедура и таму да се донесе одлука што понатаму. Тоа што го прескокна поранешната власт сега ние би требало да го надоместиме, барем процедурално, и сето тоа да биде во рамките на законот.

Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)