ПИСМОТО НА ЧАРЛИ ЧАПЛИН ДО НЕГОВАТА ЌЕРКА: „НЕМОЈ ДА СИ ГО ПРОДАВАШ СРЦЕТО ЗА ЗЛАТО И НАКИТ БИДЕЈЌИ НАЈГОЛЕМИОТ ДИЈАМАНТ Е СОНЦЕТО!“

од Биљана Јовановска 0

20170715-pismoto-na-charli-chaplin-do-negovata-kjerka-nemoj-da-si-go-prodavash-srceto-za-zlato-i-nakit-bidejkji-najgolemiot-dijamant-e-sonceto-m

„Девојче мое!

Ноќ е. Божиќна ноќ. Сите вооружени мажи отидоа да спијат. Заспиј го твојот брат, твојата сестра. Дури и твојата мајка заспа. За малку ќе ги разбудев како што доаѓав во оваа полуосветлена соба. Толку си далеку од мене. Но нека ослепам ако никогаш не ми си пред очите. Твојот портрет е тука на столот, и тука во моето срце.

Каде си ти? Таму, во величествениот Париз, танцуваш на големата театарска сцена на Шанзелизе. Свесен сум дека си далеку, но сепак понекогаш ми се чини, во тишината на ноќта, ги слушам твоите чекори, како да ги гледам твоите очи, блескаат како ѕвезди на зимското небо.

Слушам како глумиш во претставата и ја играш улогата на персиска убавица која го освојува Татар Кан.

Убавина и танцување! Биди ѕвезда и сјај! Но ако те занесат ентузијазмот и почитта на јавноста, ако мирисот на цвеќе те измами, седни во ќошот и прочитај го писмото, послушај го гласот на своето срце. Јас сум твојот татко, Жералдин! Јас сум Чарли, Чарли Чаплин! Дали знаеш колку ноќи поминав покрај твојот кревет додека беше дете, ти ја раскажував бајката за Заспаната убавица, Будниот змеј? И кога сонот се навлекуваше на моите стари очи, го бркав велејќи му: „Замини! Сонот на мојата ќерка е мојот сон!“

Ги видов твоите соништа, Жералдин, твојата иднина. Видов девојка која танцува на сцената, како вила која скока на небото. Ја слушав публиката како вели: „Ја гледате онаа девојка? Тоа е ќерката на една стара будала, се сеќавате, неговото име е Чарли?“ Да, јас сум Чарли! Јас сум старата будала! Сега е твојот ред. Танцувај! Јас танцував во преголеми искинати панталони, ти танцуваш во свилено фустанче како принцеза. Тој танц и аплауз понекогаш ќе те издигнат до небото. Летај! Летај таму! Но спушти се на земја. Треба да ги видиш животите на луѓето, животите на уличните танчари кои се вкочанети од студ и глад. Јас бев како нив, Жералдин! Во текот на ноќите, оние магични ноќи кога паѓаше во сон од моите приказни, јас бев буден. Гледав во твоето лице, го слушав отчукувањето на твоето срце и се прашував: „Чарли, дали ова маче ќе те познава?“ Не ме познаваш, Жералдин. Многу приказни раскажав во овие ноќи, но мојата приказна – никогаш. А таа е доста интересна. Раскажува за гладен кловн, кој пее и танцува во сиромашните квартови на Лондон, а потоа собира милостиња. Тоа е мојата приказна! Јас го вкусив гладот, знам како е да бидеш без покрив над главата. И повеќе од тоа, ја искусив понижувачката болка на кловнот-скитник, кој во неговите гради имаше бурен океан од гордост, болно повредена од оние што му фрлаа парички. Но сè уште сум жив, но да го оставиме тоа.

Подобро да зборуваме за тебе. После твоето име, Жералдин, стои моето презиме, Чаплин. Со тоа презиме повеќе од 40 години ги забавував луѓето. Но јас плачев повеќе од тие што се смееја. Жералдин, во светот во кој живееш постои многу повеќе од играње и музика. На полноќ, кога ќе излезеш од огромната сала, можеш да ги заборавиш богатите фанови, но не заборавај да го прашаш таксистот кој ќе те однесе дома, дали дома има жена, дали е трудна, дали имаат пари за пелени за своето новороденче. Не смееш да заборавиш да му ставиш пари во неговиот џеб.

Понекогаш оди со подземната железница или автобус, истражи го градот пешки. Набљудувај ги луѓето. Барај вдовици и сирачиња! И барем еднаш кажи си себеси: „Јас сум иста како нив!“ Да, ти си една од нив, моја девојко. Згора на сѐ! Уметноста, пред да му даде крилја на човекот, најпрво му ги крши нозете. И ако некогаш се почувствуваш многу поважно од твојата публика, напушти ја сцената. Качи се на првото такси и посети го соседството во Париз. Јас го познавам многу добро. Таму ќе видиш многу танчари исти како тебе, дури и многу подобри, пограциозни и со поголема гордост од тебе. Заслепувачкиот сјај на твојот театар нема да биде таму. Месечината е нивниот рефлектор. Погледни! Погледни внимателно! Зарем не танцуваат подобро од тебе? Признај го тоа, моја девојко! Секогаш ќе постои некој што танцува подобро од тебе, што игра подобро од тебе! И запомни, во семејството на Чарли никој не бил толку груб и дрзок за да се потсмева со таксист или да се поигрува со просјак седнат покрај Сена.

Јас ќе умрам, но ти ќе живееш… Сакам никогаш да не дознаеш што значи сиромаштијата! Заедно со ова писмо ти испраќам и еден празен чек, за да можеш да трошиш колку ќе посакаш. Но, кога ќе потрошиш два франци, не заборавај да се потсетиш дека третата монета не е твоја. Таа мора да му припаѓа на некој странец, на кого навистина му е потребна. А него лесно можеш да го најдеш. Треба само да посакаш да ги видиш тие кутри и сиромашни странци, и ќе ги пронајдеш насекаде.

Ти зборувам за пари бидејќи имав можност да ја запознаам нивната ѓаволска моќ. Знаеш дека поминав долго време во циркусот и секогаш бев многу загрижен за акробатите (кои се движеа по тенко јаже). Морам да ти кажам дека луѓето полесно и почесто паѓаат кога стојат цврсто на земја отколку акробатите од нестабилното јаже. Можеби некоја вечер блесокот на најскапиот дијамант ќе те измами. Во истата вечер тој дијамант ќе биде твоето нестабилно јаже од кое со сигурност ќе паднеш. Можеби убавото лице на некој принц ќе те измами. Во истиот ден ти ќе бидеш неискусен акробат, а неискусните акробати секогаш паѓаат. Немој да си го продаваш срцето за злато и накит бидејќи најголемиот дијамант е Сонцето. За среќа, тој блеска на лицето на секој човек. И кога ќе дојде времето и ти ќе се вљубиш, сакај со целото свое срце. Ѝ кажав на мајка ти да ти пишува за тоа. Таа ја разбира љубовта повеќе од мене и затоа е подобро таа да зборува со тебе, за неа.

Твојата работа е многу комплицирана. Го знам тоа. Твоето тело е покриено само со мало парче свила. Во име на уметноста, на сцената може да се појавиш дури и гола, но оттаму треба да се вратиш не само облечена, туку и почиста. Но, никој и ништо на овој свет не заслужува да ги види дури ни ноктите од стапалата на една девојка. Голотијата е болест на нашето време.

Јас сум стар и моите зборови можеби звучат смешно, но според мене, твоето голо тело би требало да му припаѓа на оној што ќе се вљуби во твојата гола душа. Не плаши се ако твоето убедување на оваа тема е од пред десет години, од времето кое заминува. Не грижи се! Тие десет години нема да те направат постара. Но, како и да е, сакам да бидеш последниот човек што ќе стане поданик на островот на голите! Знам дека татковците и децата се во вечна борба! Војувај со моите мисли, моја девојко! Јас не сакам послушни деца.

Во моите очи нема солзи додека го пишувам ова писмо, сакам да верувам дека оваа божиќна ноќ, ќе биде ноќ на чудата. Посакувам да се случи чудо и навистина да разбереш сè што сакам да ти кажам.

Чарли е веќе постар, Жералдин! Порано или подоцна, наместо бела свила на сцената, ќе треба да се облечеш во црно за да дојдеш на мојот гроб. Сега не сакам да те вознемирувам. Само одвреме-навреме, погледни во огледалото. Таму ќе ги видиш моите карактеристики. Дури и кога крвта во моите вени ќе се излади, не сакам да го заборавиш твојот татко, Чарли. Јас не сум ангел, но секогаш се стремев да бидам човек. Обиди се и ти.

Те бакнувам, Жералдин.

Твојот, Чарли

Кликни на било кој од предлозиве и ќе се тргнат :)