КОГА БЕВ СТУДЕНТ… СО САШКО КОЦЕВ: МИСЛЕВ СВЕТОТ ЌЕ ГО СМЕНАМ И ХОЛИВУД НЕ МИ БЕГА ПО СЕКОЈА УЛОГА НА ФАКУЛТЕТ!

од Биљана Јовановска 0

sasko-kocev-koga-bev-student.fw

Случајно ќе поминеше професорот или асистентката, а се трудевме да оставиме впечаток на секој можен начин уште во дворот, небаре професорот ќе се воодушеви само што ќе ме види, ќе падне во несвест и ќе каже: „Еј момче, ти си примен без да полагаш испит, вакво нешто немам видено!“ – се потсетува на приемниот испит познатиот актер.

Нескромно е да се каже дека претстава во која тој игра речиси секогаш е „осудена“ на успех. Обидете се да проверите, ќе се согласите. Дури има и проекти наменски направени за тој да ја игра главната улога, за претставата да го побуди интересот кај публиката. Факт е дека стана мегапопуларен откако стана водител на „Златна бубамара“ пред десетина години, иако зад себе веќе имаше голем број професионални улоги во родното Куманово, но и во Скопје. Но, телевизијата е моќен медиум и тоа не можеме да ѝ го замериме. Денес, со две раце потпишувам дека публика оди на претставите кај што игра тој, Сашко Коцев! Малкумина се актерите што само со своето име ги продаваат претставите. Тој е еден од нив. Матична сцена му е Македонскиот народен театар, игра во поголем дел од репертоарот, стендапот му е хоби што му оди ептен од рака, а веќе нанижа и десетина филмски улоги, од кои неколку и насловни.

Коцев е актер кој добро научил како треба да се однесува во секоја ситуација, професионален во секоја пригода, нешто што на многу свои колеги може да им го предава. Затоа е и посебен. Дека и хуманоста не му е туѓа, покажа и настанот на кој благодарение на неговиот ангажман беа собрани пари за лекување на малиот Давид од Кратово. Да го немаше, ќе требаше да го измислиме!

Овој пат не разговараме за тоа што прави во моментот. Го убедивме да се наврати на студентските денови, кои почнаа во 2001 година.

– Лесно се вратив на ФДУ, прво на фамозните и озлогласени „Студентски прашања“. Но, на нашиот факултет тоа воопшто не беше така. Се сеќавам на првиот ден и првата средба со нашата „тетка Весела” од „Студентски прашања“, која на сите буквално ни ги заврши факултетите, што се однесува на формално-правните работи. Таму беше мојата прва средба со ФДУ во 2001 година. Во Куманово имаше војна со полициски час, немавме вода 35 дена, а јас отворав нов фронт – Факултет за драмски уметности!

Професорот Владимир Милчин од скоро 90 кандидати требаше да одбере 10 студенти. Беше претопло лето, па во бараките на ФДУ не се дишеше. Многу еуфорични кандидати, збунети погледи полни со надеж на испотените лица кои се маткавме низ тревникот пред бифето. Случајно ќе поминеше професорот или асистентката, а ние се трудевме да оставиме впечаток на секој можен начин уште во дворот, небаре професорот ќе се воодушеви на поминување и ќе падне во несвест и ќе каже: „Еј момче, ти си примен без да полагаш испит, вакво нешто немам видено!“ Хахаахахах

ОД ОСНОВНО ЗНАЕЛ ДЕКА САКА ДА Е ГЛУМЕЦ

Уште во основно училиште сите го знаеле како Сашко Глумац. Вели уште тогаш знаел што сака да биде, нешто што е ретко за дете на 12-13 години.

-Многу често сум размислувал од кога сакам да сум актер. Хм, не сум сигурен. Само знам дека отсекогаш сум се гледал себеси како човек кој сѐ што прави, го прави за тоа да биде видено од другите. Тоа е нешто во потсвеста на актерите. Можеби како помал не сум бил сигурен што точно значи ова што го чувствувам, но мислам дека некаде кон шесто-седмо одделение веќе знаев каде точно треба да ја преточам оваа моја потреба – вели Сашко.

Негова прва улога во професионален театар е улогата на Таруно во „Белото Циганче“ во Народниот театар во Куманово, во 1996 година, во режија на Ацо Алексов. Се потсетува на тој период и на влијанието што неколкумина уметници го имале врз него.

-Пред факултетот, додека се „врткав” во Кумановскиот театар и играв во понекоја претстава, точно го паметам моментот, на мои 13-14 години, кога ми пријде Горан Илиќ. Тоа беше актер кој многу го почитувавме, ми пријде и од сите младинци само мене ме праша: Читаш ли ти нешто? –Реков, да… но тој рече: „Не, не… Читаш ли нешто корисно?“ Првата книга што ми ја даде беше Ежен Јонеско („Ќелавата пејачка“ и уште четири драми). Корици со силна жолта боја, толку силна, колку што книгата изврши влијание врз мене и ја смени мојата перцепција кон тоа како работите може да се гледаат и низ една чудна, обратна призма. Мислам дека тоа изврши огромно влијание врз начинот на кој пристапувам, ги гледам работите подоцна и си ги пишувам моите кратки текстови. На ФДУ, се разбира, ме бодреа професорот Милчин и асистентката Сузана Киранџиска, кои точно знаат кој студент каде да го насочат. Нормално, следуваа уште многу предлози – книги за читање! – вели Коцев.

На прашањето дали имал други желби за избор на факултет, вели дека воопшто не размислувал. Во негов манир, се шегува:
-Можеби да размислев поубаво ќе бев сега во некоја канцеларија и ќе сретнував глумци на состаноци или во град и ќе ги малтретирав – „Еј, друже, и јас имам глумено на времето! Да бе, да… Многу сакав да станам актер, мноооогу. Ама, ете, немав врски. (што главно го кажуваат, а не се ни осмелиле да конкурираат) хахахаахахах

Актерската приказна почнала уште во аматерска театарска група во основно школо.

-Почнав во една трупа, мислам се запишавме околу 50 деца, ама јас единствен издржав кондиционо и го остварив сонот. Во средно школо имав и неколку улоги во професионалниот театар и неколку проекти со Горан Илиќ.

Не ги сакав студентските собиранки

Забавата е дел од студирањето. Веројатно, на изненадување на публиката, Коцев не бил голем љубител на студентските собиранки.

-Секоја журка беше нова книга, краток роман за тоа што се случило „синоќа”. Но, морам да признам дека јас некако не ги сакав тие собиранки. Ретко одев затоа што ми беше напорно некако наменски да се зближувам со некој само затоа што студираме заедно, па сега мора да го силуваме моментот „ние сме класа, мора да се држиме“. Јас потешко се зближувам со луѓе, воопшто… па така оставив работата и искуството низ студиите сами да одредат со кого ќе бидам близок. Што не значи дека не сум ги почитувал колегите. Напротив, тимската работа кај нас е задолжителна, па на тие собиранки надвор од факултетот се надминуваа некои бариери меѓу нас. Така што, мене во тој поглед дури и ми беше потешко, поради послабата дружба на почетокот – признава Сашко.

Од факултет најблизок бил, а и денес е со Гораст Цветковски и со Славиша Кајевски, а се зближиле дури во четврта година. Ги зближиле работата и сцените што ги работеле заедно на испитите. Нивното другарство било многу искрено и кога станува збор за критикување меѓу себе.

-Искреното критикување воопшто меѓу колегите тешко оди. Се критикуваш само со ептен, ама ептееен близок. А тоа се само Гораст и Славиша. Дури еднаш додека работевме претстава, режисерот Љупчо Ѓоргиевски беше вџашен од тоа како можеме такви работи да си кажеме еден на друг и толку отворено, а да не се замериме. Инаку, главна застапена работа кај нас е: „Ааа, браво, многу добро, многу! Честито премиера братче, многу интересно! Тоа е само тапкање по рамо! – вели Коцев.

„Бубалица“ не бил, ами учел во пет до дванаесет.

-Постојано се карав себеси дека сум идиот што учам вака кампањски и дека никогаш веќе нема да направам така. Нормално дека не сум си го исполнил ветувањето, следниот испит што не беше актерска игра пак го полагав со подочници зашто сум учел вечерта и хаос во главата со 230 имиња на ликови и… и од тоа кој беше писателот на делото, а кој лик од делото. Кај нас не се учи заедно, зашто и не се учи толку многу. Немаме математички проблеми за решавање, но имаме театарски проблеми. Часот по актерска игра беше вообичаено од 17 часот, а претходно цел ден ја пробуваш сцената со твојот партнер. Тогаш тој ти е најдобриот другар, најлошиот учител, гледач, публика, критика, ученик, професор… сè. Во 17 часот сме заедно во истите проблеми, а тоа е „колку ли ќе ни се дере Милчин“. Тоа е нашата тригонометрија – се шегува Коцев.

Признава дека имал трема пред настапите и мислел дека ќе го смени светот веднаш штом ќе му пројде сцената.

-Играв како во публика да е агент кој ме носи директно за Холивуд. Нема врска, после Милчин лом ќе те направи. Ама во право е… ретко пофалуваше, затоа што тоа што е добро е нормално да биде добро, затоа сме тука. Треба повеќе, за да се спомне погрешното. Кај нас оценките не се најважни – беше битно што имаш по: актерска игра, сценски движења и сценски говор. Другото, си признавам, не ни паметам што оценки сум имал. За актер е важно каде студирал и кај кој професор. Од денешен аспект и богатото искуство што веќе го има, категоричен е дека секое предавање на кој било професор е важно и го води студентот кон нешто ново, непознато.

– Но, со професорот Милчин, секој час, секоја изговорена реплика, секоја мала грешка била цел нов факултет за мене. Дури би си препорачал и себеси, а и на некои колеги, да се вратат на понекој час повторно. Потоа, се појави и професорката Јелена Лужина, чии часови не смее никој да ги пропушти!

На крајот на нашето студентско патување, го замоливме да им упати една порака на нашите читатели, особено на студентите по актерска игра:

-Не брзајте сѐ да покажете во една реплика или претстава. Долга е актерската игра и кариера, ќе има шанси. А, пак, за шансите – тие се секогаш тука, околу нас. Не е шансата нешто големо кое го чекаме да се случи некојси ден, некогаш… Не, шансите се тука, секоја реплика, секоја претстава нуди шанса да го распостелеш својот талент, баш таа што ја работиш во моментот. Ние го правиме тоа големото, тоа нема да падне од небо. Јас признавам дека неколку шанси пропуштив за време на студиите, па потоа морав сѐ отпочеток!