ЗГОЛЕМЕН БУЏЕТ ЗА КУЛТУРАТА: Стимулативни мерки за уметниците и поддршка на проекти од национален интерес

од Биљана Јовановска 0

elizabeta-kancheska-milevska-13

Во 2017 година ќе продолжи изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, ќе продолжат археолошките истражувања на повеќе локалитети, ќе се довршат конзерваторско-реставраторските работи на Скопското кале, а обезбедени се и средства за истражување, за реконструкција и санација на Античкиот театар во Скупи.

Во 2017 година Министерството за култура ќе продолжи со промоцијата на културата и културните вредности на Република Македонија, заложбите за вреднување на уметничкиот влог на македонските уметници и обезбедување поддршка за нивното творечко и професионално дејствување.

Буџетот за 2017 година на Министерството за култура е зголемен за 15,43 проценти во споредба со минатата година. Во интервју за Македонската информативна агенција, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вели дека минатава 2016 година ја оценува како успешна во областа на културата и најавува многубројни проекти за годинава.

Балетски_спектакл_Клеопатра__9_.jpg

Зголемување ќе има и на програмските средства на Министерството за култура, што значи дека и во наредната година ќе бидат финансирани проекти од национален интерес во културата во сите дејности од областа на културата, а ќе се продолжи и со интензивна промоција на македонската култура во странство. Нема да изостане и поддршката за стимулативните мерки, откупот на ликовни дела и скулптури од галериски формат, поддршката за создавање композиции од народната и забавната музика, како и за стимулацијата за создавање дела од областа на класичната музика.

– Во 2017 нè очекуваат навистина значајни настани, меѓу кои со особено внимание ќе ги издвојам проектите кои ќе ги завршиме и ќе ги промовираме, како новата концертна сала за Македонската филхармонија, театарот во Струмица, реконструкцијата и санацијата на Албанскиот театар. Ќе продолжиме со активностите за изградба на Турскиот театар, Културно-образовниот центар во Тетово, реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на нови објекти за Драмскиот театар и „Театарот Комедија“, како и реконструкција на објектот кој го користат установите во Охрид – вели Канческа-Милевска во интервјуто за Македонската информативна агенција.

Кристофор_Колумбо7.jpg

Интензивно ќе се реализираат и проектите од областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои се обновата на опожарените конаци на манастирот „Трескавец“ во Прилеп, ќе се заврши конзервацијата на манастирот „Св. Никола“ во Мариово, конзервацијата на Јени-џамија во Битола и нејзината адаптација во галериски простор, ќе биде отворена Галерија на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село, Штип, ќе се продолжи со превентивни заштитни мерки на црквата „Св. Архангел Михаил“ – Берово, која е споменик на културата од 19 век, со конзервацијата и реставрацијата на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во село Љубанци, ќе се заврши проектот за реконструкција на споменикот „Македониум“ во Крушево и многу други значајни проекти.

ЈУБИЛЕЈ_Десет_години_археолошка_изложба__19_.jpg

– Ќе продолжиме и со проектот за обнова на фасади во Старата скопска чаршија и во другите градски јадра низ државава, како и со проектите за уредување на музејските поставки во националните музеи и уредување на депоата. Во 2017 година ќе продолжи изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, ќе продолжат археолошките истражувања на повеќе локалитети, ќе се довршат конзерваторско-реставраторските работи на Скопското Кале, а обезбедени се и средства за истражување, за реконструкција и санација на Античкиот театар во Скупи. Следната година во Република Македонија ќе се реализираат голем број разновидни програмски содржини во институциите, а меѓу нив ќе ја издвојам премиерната изведба на мјузиклот „Тајно моја“ на Македонската опера и балет, кој е посветен на нашата музичка икона Тоше Проески – најавува министерката.