ВО ПРИРОДА ДЕЦАТА СЕ ВРВНИ ИСТРАЖУВАЧИ И ГИ ЗАБОРАВААТ ТЕЛЕФОНИТЕ И ТАБЛЕТИТЕ

од Биљана Јовановска 0

kolektiv-veternica-3

Едвај легнуваме преморени на спиење и се будиме со радост за новиот ден кој носи нови игри и предизвици – велат наставничките од „Колектив ветерница“, кои неколку години организираат зимски и летни школи за деца .

Учениците се радуваат на распустот, па макар бил зимски и ладен. Слободата што децата ја имаат во тие дваесетина дена, оддалечени од секојдневните обврски од училиштето им полни батерии, па дури и да им е здодевно, е добро. Изборот да се избега од градот макар на неколку дена е повеќе од важен и добредојден, посебно за децата од Скопје. Убаво е да се патува со фамилијата, да се посетат роднини, но можеби уште поинтересно е кога децата се дружат со својата генерација.

Веќе неколку години, четири амбициозни девојки обединети под името „Колектив ветерница“ вредно работат со деца од школска возраст, создавајќи театарски претстави, организирајќи работилници, зимски и летни школи, нешто што родителите на тие деца сигурно добро го паметат кога поминувале време во бројните одморалишта што некогаш работеа во земјава. Деновиве, дел од учителките веќе се подготвуваат на децата да им подготват нова авантура, што ја нарекоа „Патуваме и раскажуваме“. Од 10 јануари ќе ја истражуваат Попова Шапка. Мотивот е децата да се однесат на чист воздух, каде ќе се дружат и забавуваат низ магични приказни и игри, ќе живеат во планинарски дом, ќе се греат на дрва, ќе научат правила за однесување на планина…На крајот на школата, децата се враќаат со заедничко дело што ќе го изведат јавно. Искуствата од школите се извонредни, велат наставничките од „Колектив ветерница“.

ДЕЦАТА БЕСКРАЈНО СЕ РАДУВААТ ВО ПРИРОДА

Летните и зимските школи што тие ги организираат потсетуваат на времето кога посетувањето одморалишта беше многу популарно и здраво, пред сѐ, за децата. Со оглед на тоа дека тоа се деца кои растат во време на технологија, на наставничките им успева неколку дена да ги отргнат децата од сите видови екрани.

-Во природа ни е суперзабавно, едвај легнуваме преморени на спиење и се будиме со радост за новиот ден кој носи нови игри и предизвици. Најискрено речиси сосема забораваме на екраните бидејќи природата во себе има чудесни убавини, а децата се врвни истражувачи кои го забележуваат секој детаљ и бескрајно му се радуваат. Нормално, последиците од живеењето во градот ги гледаме во тоа што се плашат од непознатите инсекти и животни, па врескаат, скокаат и се чешаат, но сето тоа поминува во забава и смеа, а и учат како да се однесуваат во непознати средби – велат од „Ветерница“.

Затоа што последниот пат работеле на тема инсекти, децата се охрабриле и „заробиле“ едно пајаче што го нарекле Денис.

-Го тренираа, му даваа да јаде, го носеа со себе насекаде, а ние никако не можевме да ги убедиме да го ослободат, сѐ додека најмалиот од групата, петгодишниот Огнен не реши вешто да го спаси додека останатите ги правеа утринските вежби. Имаше невиден хорски плач, се затворија во соба и заедно плачеа 19 деца! Ни рекоа дека почнале да плачат за нивното другарче пајаче, па потоа за нивните родители кои им недостигаат, па за некое другарче што било болно на училиште и така веќе плачат дури за сите војни и за сите неправди во светот. Плачката заврши брзо откако им раскажавме приказна за значењето на слободата и ги уверивме дека Денис сигурно многу подобро се чувствува додека виси на дрвото до нивната соба и ги штити од лоши соништа, а тие ќе треба да му ветат дека кога ќе пораснат ќе се борат за слободата и против неправдата во светот никој да не смее да биде затворен и да има ограничена слобода на движење – се потсетуваат наставничките.

Во тој момент со нив била и нивната пријателка Џема која работела на граничните премини со децата-емигранти, па таа им раскажала уште неколку приказни за важноста на слободата. Така децата научиле многу и за себе и за светот околу себе. -На крајот истрчавме низ дворот да си ја прославиме слободата со сите весели птици, инсекти и да му пееме песни на пајачето Денис. Е, во такви моменти ни на крај памет не ни паѓа градот и неговите екрани, барем за нив сме сигурни дека ќе нѐ почекаат дури се вратиме.

Постојат скоро шест години и од година в година интересот за „Колектив ветерница“ расте. После нивните часови децата се расположени, енергични, работат низ игра.

-Првите две години повремено организиравме културни инцијативи и бесплатни креативни работилници препознатливи под името Урбана работна акција – УРА. Потоа ја формиравме „Ветерница“во која активно работиме веќе четири години и за овој период сме сработиле и промовирале 11 премиери со деца („Чекори во џунгла“, „Пролетен кошмар“, „Ритамот на природата“, „Џунгларска Битка“, „Превртени приказни“, „Заборавениот змеј“, „Блесав тресок“, „Смрдлива средба“, „Робоград“, „Градот моли: Ме угушивте, ме боли“) дел од нив се производ на завршни претстави од едногодишен едукативен процес во „Ветерница“, а другите се во соработка со други културни иницијативи.

СЕКОЕ ДЕТЕ СЕ ЧУВСТВУВА СЛОБОДНО

Бидејќи наставничките доаѓаат од различни професии (Билјана Митева, социјален работник Марија Бејкова, актерка, Билјана Димитрова, културен работник, Ивана Нелковска, драматург),пристапот и концептот на работа им е обединување на танцот, театарот, музиката, физичкиот театар, куклен театар, театар на сенки преку методи од социологијата, културологијата и психологијата. Соединувањето на танцот и театарот проткаено низ игра и забава, како најприродни форми низ кои детето се осознава себе и светот има за цел да ја стимулира и негува неговата креативна енергија, да ја поттикне љубопитноста и имагинацијата како база за поставување на здрави темели кон интегрирање на телесниот, когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој кај децата, велат од „Ветерница“.

-Танцовиот театар го акцентира невербалното како битен медиум низ кој децата многу поотворено ги искажуваат своите емоции и ставови и во текот на едукативниот процес се стремиме кон препознавање на сопствените емоции, преземање одговорност и поттикнување на развојните потенцијали кај секое дете поединечно.Децата стекнуваат свесност за себе, за сопственото тело, за другиот во просторот. Самиот концепт е структуриран кон поттикнување на моториката, баланс, правилно држење на телото, стимулирање на асоцијативно размислување преку користење на игри за визуелизација, асоцијација, цртање на музика. Потоа, преку обработка и создавање на приказни, создавање и анализа на карактери, поставување на конфликти изнаоѓање на решенија и постапки, се поттикнува нивната критична мисла, но и спремност да преземат иницијатива и изнајдат креативно решение за конкретниот проблем – објаснуваат.

Во „Ветерница“ се обидуваат да создадат сигурна средина во која секое дете ќе се чувствува слободно и инспирирано да го истражува и осознава својот свет и светот на другарчињата и заедно да креираат нови светови и да се соочуваат со нови предизвици.

-Со еден збор со силна волја градиме нови магични светови во кои раскажуваме приказни на наш сопствен јазик за времето во кое живееме, приказни кои ќе живеат во иднината и ќе раскажуваат за љубовта и истрајноста со која се негува нашата „Ветерница“.